Во перспективата на Хегеловите определби, философијата е познание на битието во поим. Уметноста е подавање на битието низ симбол. Тие се два модуси на објава на истата суштина.

  Оваа изложба е актуализација на философско-уметнички синтези низ кои се соголува ноуменалното, се естетизира феноменалното. Философската поетизација на стварноста, нè води кон созерцание на хиперреалноста која е всушност постварна и од самата реалност. Таа е самата реалност издигната на метаниво. Се остварува метафизичка трансценденција во парадигмите на егзистенцијата, во основите на есенцијата. Уметничките дела ги покажуваат естетските димензии на овој чин.

  Инспирација за изложбата “Хиперреална деконструкција на невообичаеното” беше философ, философски поим, мисла, концепт, учење. Целта беше да се пронајдат симболички претстави, да се создаат уметнички изображенија како афирмација на еден спекулативно-еротичен акт на единство на авторот на делото и самиот философ во кое философот е уметник, а уметникот е философ. “Постоењето на светот е оправдано единствено како естетски феномен”. (Фридрих Ниче, Раѓањето на трагедијата од духот на музиката.)

Во уредувањето на страната на изложбата учествуваа: Теодора Темелковска, Алек Митев, Марија Манева, Ева Стојановска и Јелена Арсовска (Професорка по Информатика)