“Тартиф” – Молиер
- Date March 30, 2020
“Тартиф” – комедија на интрига и остра сатира упатена кон двојниот морал на клерот, високото француско свештенство, кое го обвинува Молиер и неговиот Блескав театар за ширење неморал. Како претставник на класицизмот, Молиер ќе ја задржи неговата специфика по углед на античката драма, единство на време, место и дејство ( дејството трае 24 часа во куќата на семејството Оргон), а ќе отстапи од строгите правила на класицизмот вметнувајќи ликови од буржуазијата и народот како глас на разумот, помудри од благородничката класа.
1 Чин
Експозиција Преку дијалозите на членовите на семејството на Оргон, неговата мајка г-ѓа Пернел, сопругата Елмира ( сестра на Клеант), синот Дамис, ќерката Маријана ( во љубов со Валер) и слугинката Дорина, дознаваме за сеприсутниот лик Тартиф (кој физички се појавува дури во третиот чин) и нивниот семеен конфликт поради неговото доаѓање во куќата со цел да шири благосостојба, божји мир за да ги приближи до бога. Ликовите се поделени во две групи, Оргон и мајка му (претставници на конзервативната благородничка класа) восхитени дека ќе дојде преставник на Бога во нивниот дом, и сите останати членови на семејството каде најразумниот и жесток опонент и антипод на Тартиф е слугинката Дорина ( претставник на народот, лик кој Молиер го гради со пиетет). Дорина остро го напаѓа Тартиф сметајќи го за безбожник, г-ѓа Пернел го велича како божји праведник ,,од Господ пратен сите да ги врати од грешниот пат”, Клеант и Дамис во него гледаат користољубив лицемерец кој ќе го изманипулира Оргон до таму да ќе му даде почит и доверба на Тартиф повеќе отколку на децата и сопругата. Оргон ги вознемирува сите со својата наивност, изгледа комично кога го велича Тартиф како ,,искрен пријател полн со квалитети”.
2 Чин
Заплет Оргон со љубов ѝ се обраќа на ќерка си полн со топли зборови за нејзината ,,чиста душа како априлска зора” , сакајќи да добие позитивен одговор за неговата намера да ја омажи за Тартиф, без да ја праша за нејзините емоции или мислење. Патријахално воспитана благо се спритиставува на татка си, но длабоко во себе е вознемирена, за разлика од Дорина која се осмелува да му каже ,,изгледате мудар со сребрена коса, а поганец таков ве тегне за нос” и да ја брани искрената љубов на Маријана и Валер, ( кого Оргон го нарекува безбожник затоа што игра карти).Дорина смело му противрекува, а Оргон се воздржува да не ја удри, вознемирен што подредена слугинка му противрекува. Маријана, без оглед што се работи за нејзина судбина, немо ја следи расправијата, а Дорина сака да ја освести кажувајќи ѝ ,,љубовта не е по порачка роба , кој толку го велича Тартиф нека си го земе тој”. Маријана немоќна посакува смрт, Дорина ја кара со зборовите ,, зар ќерката мора послушна да биде па макар и мајмун за маж да ѝ дадат”. Очајна Маријана се расправа со свршеникот Валер, кој покажува љубомора и во нивната разгорена страст и кавга ги смирува Дорина, убедувајќи ги дека премногу се сакаат, со што ги смирува.
3 Чин
Кулминација Се појавува Тартиф и напнатоста расте.Веднаш почнува со лицемерните игри на двоен морал, подавајќи ѝ шамивче на Дорина да си го покрие дехолтето ,,не можам да гледам нешта што е извор на грев и блуд” , на што Дорина има директен одговор ,,самиот е виновен што ,,срамно” се чувствува, од нормална работа и дека таа и гол да го види нема со око да трепне”. Тартиф се дрзнува да ѝ се додворува на Елмира, без да забележи дека Дамис скришно ги слуша од другата соба. Елмира е изненадена велејќи му ,,мислев вие кон светот сте ладен и за божја љубов сте гладен”, но лицемерецот дрско продолжува ,,љубовта и на верникот му годи, да грешам ме тера привлечноста ваша”. Без оглед што Елмира му се заканува дека ќе му каже на сопругот, Тартиф продолжува убеден во слепилото на Оргон. Но не и Дамис, кој ја тера мајка си да му ги отвори очите на заблудениот татко. Вознемирен и бунтовен самиот ќе му каже на татка си, кој повеќе ќе му верува на итрецот Тартиф отколку на синот. Напнатоста расте кога Оргон, за да му се извини и додвори што бил неправедно нападнат од невоспитаниот Дамис, го изема синот од наследството и му го припишува на Тартиф со зборовите ,, другарот и зетот повеќе чинат од син, мајка и жена”.Кулминација е кога ќе му го даде ковчежето , аманет од пријателот Аргас со тапија од куќата.
4 Чин
Напнатоста опаѓа Клеант отворено го напаѓа Тартиф, како може да прифати туѓ имот со таква интрига и подлост, а Тартиф продолжува иронично да манипулира со мачната ситуација за сите, освен за него, велејќи дека му е ,,чест да прими скромен подарок од Оргон”. Маријана моли да ја дадат во манастир и се одрекува од наследството само да не ја омажат за таков подлец. Настапува пресврт кога конечно Елмира стапува на сцена наговорувајќи го мажот да се скрие и со свои уши да слушне и види кој е Тартиф и како дрско ѝ се додворува на сопругата на својот домаќин. Свесно го заведува Тартиф да ги извлече од него страстните изјави како сака да ја вовлече во неговиот кревет: ,,не верувам лесно на насмевка блага и зборот кажан, сакам со дела да бидам убеден во љубовта врела”. Елмира продолжува со играта за мажот ѝ да слушне како ја убедува: ,,дозволете јас да ве имам, а за гревот лесно- сиот го примам” и како се мајтапи со Оргон : ,,маж заведен до толкава мера да и во она што го гледа ќе нема вера”. Оргон конечно се свестува за својата заблуда бркајќи го Тартиф од дома. 5 Чин Расплет Deus ex machina – типична постапка на Молиер за крајно решение на конфликтот со неочекуван расплет во интерес на правдата која е во Божји раце ( патем да му се додворува на кралот да има милост кон неговиот театар). Сите се загрозени и остсниваат на улица поради наивниот и непромислен Оргон, Тартиф поднесува тужба до судот дека е единствен наследник на куќата и имотот. Оргон е скршен од болка поради лекомисленоста, а мајка му сѐ уште не сака да поверува, па дури и снаата си ја обвинува за заведување, на што Оргон луто ѝ одговара: ,,зар требаше да чекам вкревет да појдат и ќебе да им фрлам”. Пристига судскиот пратеник г- дин Лојал испратен од Тартиф со ,,добри намери”, да ги избрка од сопствениот дом. Конечно се свестува и г-ѓа Пернел, а Валер ја покажува својата добрина и љубов кон Маријана помагајќи му на Тартиф, без оглед на неправдата која му била нанесена од Оргон. Великодушно му дава пари и му кажува таен излез за да не го успсат џандарите пред врата, а Оргон како покајник му вели ,,љубовта ваша раната да ја лечи и моево срце со љубов ќе врати”. Задоцнуваат, пристига Тартиф и триумфално им се обраќа на џандарите да си ја извршат должноста. Истиот момент, наместо да му ставаат лисици на Оргон, му ставаат на Тартиф – веќе одамна осомничен и баран од кралот за низа измами. Тартиф го навредува и кралот, а Молиер завршува со среќен крај за семејството и поентира со пиетет кон мудриот крал: ,,не пропушти кралот да ја види јасна неговата клевета гнасна”. Преку ликот на Тартиф ја демаскира лажната побожност на католичкиот клер со идеја за морално усовршување на луѓето преку тематската рамка на комедијата, исмејување и борба против недостатоците на француското општество.
Next post
КОНКУРС ЗА ЛИТЕРАТУРНИ И АУДИОВИЗУЕЛНИ ДЕЛА ПОСВЕТЕНИ НА 9 МАЈ - ДЕНОТ НА ЕВРОПА
April 1, 2020
You may also like

“Крпен Живот” – Стале Попов
16 April, 2020

“Кандид” – Волтер
4 April, 2020

Нострадамус
24 March, 2020