С.Бекет ,,Чекајќи го Годо”
Прв чин
Вечерно време, селски пат и едно дрво. Естрагон се мачи да го собуе неудобниот и тесен чевел извикувајќи ,,Не сака, па Господ”. Му приоѓа Владимир обидувајќи се да го разбере и дека борбата продолжува оти сѐ уште се нема сѐ испробано. Средбата меѓу нив укажува дека се долгогодишни пријатели, барем 50 години, дека некогаш биле угледни и патувале по светот( Ајфелова кула). Нивните дијалози се бесмислени, куси, повторливи прашања и одговори, како и целата ситуација. Владимир е поемотивниот, сака да го прегрне Естроген кој одбива, нервозен заради болката од тесниот чевел. Владимир е философски настроен, вели дека и тој има болка и дека не страда само Естроген на светот: ,,Никогаш не запоставувај ги малите работи. Кога во надеж си го губиш времето, од неа и болка болуваш” Естрагон се занимава со чевелот, Владимир со шеширот.Естроген ќе го собуе чевелот, а Владимир коментира дека ,,човекот го обвинува чевелот, а грешката му е во ногата”. Бесмислени разговори за пополнување празно време со апсурдни предлози: да се покаеме, да се обесиме, да молчиме, да раскажуваме, да се разделиме…Се прегрнуваат откако ќе решат да не се бесат, не можат двајцата во исто време, гранката ќе ја скршат. Не смеат ни да се насмеат од срце, а сакаат повторно да се среќни во светот каде владеат неуки мајмуни. Го чекаат Годо, крај дрво кое можеби е врба, може грмушка, можеби мандрагора ( билка која вреска кога ја корнеш), можеби е денес, можеби утре… Ги релативизираат и времето и ситуациите со често употреба на ,,можеби” и ,,ништо не можеш па Господ”. Се сложуваат дека најсигурно е кога не прават ништо, но сепак железото се кове дур е жешко. Владимир кога и да му дојде да се насмее се воздржува, како да го изгубил правото на смеа, како сите права да ги отфрлил. Во молкот на тишината секој шум ги залажува дека нешто се движи, некој доаѓа. Гладни се, јадат репки и умислуваат дека една од нив е морков:,,Јас на ѓубрето се навикнувам колку повеќе го јадам”.Естрагон прашува дали се врзани за газдата Годо, кого го очекуваат. Слушаат крик. Влегуваат другиот пар ликови, Поцо со камшик и Среќко со јаже околу вратот во подредена положба како роб носи торба, корпа со храба, палто и стол на расклопување (патувале цели шест часа). Поцо надмено газдува над Среќко, кој е несреќно ограничен во движењето со јаже што му го раскрвавува вратот. Поцо му се овраќа со ,,свињо”, а Естрагон и Владимир вџашено го анализираат дека можеби е мекушко кој се лигави како имбецил и кретен. Поцо раскажува дека е среќен кога запознава луѓе слични на себе: ,,По средбата со најбезначајното суштество човек заминува помудар,побогат,посвесен за подароците од божјата милост”(Поцо мисли на Годо, оној кој го чекаат како иднината да е во нивни раце, пуши луле, а нив им фрла да глодат коски). Раскажува како слугата му е товар, најдобро е да му удри клоца и дека вакви суштества треба да се испоубијат, на што Среќко се расплакува. Естрагон му приоѓа да му даде шамивче, Среќко агресивно го клоца, а Поцо рамнодушно коментира: ,,Солзите на овој свет се една постојана количина. Штом еден ќе почне да плаче, некој друг некаде ќе престане.Истото ви е со смеењето. Затоа да не ја осудуваме нашата генерација, бидејќи таа не е ништо посреќна од претходната. Воопшто и да не зборуваме за неа. Вистина е дека жителите се намножија!” Естрагон и Владимир првин го жалат робот, а потоа господарот. Поцо првин го нарекува слугата свињо, а потоа добар ангел, за да на крајот им каже да не го сфаќаат сериозно, дека не знае што зборува и дека си го изгубил лулето. Врв на бесмислените разговори и ситуации е кога на Среќко му ставаат шешир( без него не може да мисли) и тој почнува да кажува текст како мудар и учен човек, додека во празниот простор ништо не се случува, никој не доаѓа и никој не заминува, освен што некому му смрди устата,а некому нозете. Одеднаш забележуваат момче кое носи порака од Годи-Годо дека нема да дојде вечерва, но утре сигурно!….
Втор чин
Утредента на исто место, на дрвото разлистани 4-5 лисја. Владимир влегува вознемирен, гледа во дрвото, гледа во чевлите, ги мириса… Почнува да пее: ,,во кујната влезе пес и грабна корка леб…готвачот го мавна песот мртов падна…сите џукели дотрчаа и гроб му ископаа”. Ги повторува рефрените, движењата, постапките, сака да го прегрне Естрагон кој го одбива, бесмислени прашања и одговори… Се прегрнуваат, се нарекуваат Гого и Диди. Естрагон е вознемирен од неговото пеење умислувајќи дека Владимир пее од среќа што е без него.,,Човек не може да владее со своето расположение, ми недостасуваше но бев задоволен без тебе” Владимир прашува дали го тепале, кој и зошто? Одговорот е: ,,не знам, јас ништо не правам”.Автоматски повторуваат еден по друг дека се задоволни што се заедно, се радуваат, го чекаат… Работите од вчера се изменети, но Естрагон не се сеќава на тие од вчера: ,,Или веднаш заборавам или никогаш не заборавам. Ми зборуваш за пејзажи, за покраината Кенеж, а јас животот го поминав ползејќи во калта, во ѓубриште”. Владимир му вели дека е тежок случај, дека постојано зборува за разделба, но пак доползува кај него: ,,Секој си го носи својот крст, додека не умре”. Постојано бесмислени дијалози: да молчиме за да не мора да слушаме шумови и дрдорења од лисја, песок или пепел, да гледаме костурници, трупови..ако не мислиме, не ни се заканува опасност…да се свртиме кон природата…зарем дрво може да разлиста за една ноќ? Естрагон верува дека сѐ од вчера било кошмарен сон, дека вечерта ја поминале во неповрзан разговор за да им помине времето, како и половината од векот. Се играат со чевлите, си ги разменуваат шеширите, ги имитираат Поцо и Среќко, се навредуваат… Владимир му вели на Естрагон дека неговите чевли ги зел некој батка: ,,Неговите чевли му биле тесни па ги зел твоите што биле претесни за тебе, но не и за него”. Ноќ е. Заспиваат. Владимир го покрива Естрагон со својот капут, го смирува кога сонува(грижлив е). Очекувајќи го Годо, во сета повторлива бесполезност почнуваат да се пцујат, па прегрнуваат, да вежбаат гимнастика, да стојат во место… Одеднаш се појавува Поцо кој лелека и бара помош, Владимир и Естрагон се мислат дали да му помогнат или да го испердашат.,,Ова лелекање е упатено до целото човештво! Во овој момент ние сме целото човештво и барем еднаш достоинствено да ја претставиме таа наша одвратна сорта. Тигарот или му прискокнува на помош на својот род, или се крие во грмушка”. Поцо им нуди пари за помош, се ценкаат, за пет банки Владимир му приоѓа да го крене но самиот паѓа… Сега тој ќе бара помош од Поцо. Го довикуваат со други имиња како Авел, Каин… Поцо не престанува да вика помош и конечно му помагаат на слепиот Поцо да стане( не може да ги препознае зашто не гледа и не знае кое време е ,,на слепите им недостига поим за време”). Поцо е слеп, а Среќко е нем! Сите се расчекорени над гробовите и тешко породување( чекор од живот до смрт). Влегува момчето и ги известува дека очекуваниот нема да дојде вечер, но ќе дојде утре. Владимир го испрашува дали Годо има брада, руса или црна, и да му пренесе дека сепак го видел. Излегува месечината, Владимир и Естрагон ја повторуваат идејата за бесење на врбата со ременот на Естрагон или јажето од панталоните на Владимир. Панталоните му паѓаат, јажето го влечат и кинат, панталоните ги крева, тргнуваат…ама остануваат во место, на истото место каде го чекаат Годо и наредното утро.