„МОЈОТ МАЖ“ ОД РУМЕНА БУЖАРОВСКА – КРИТИЧКИ ОСВРТ
Есенцијата на женствената природа е скулптурирана преку стремежот на оние револуционерни движења чии јасни постулати ја илустрираат желбата за еднаквост. Судбината на жената низ минатото резултирала со неизбежни маки и апсолутно угнетување и преку таа магловитост се идентификувала херојската нишка која е светлина за многу жени кои се загубени во лавиринтот на животот. Радикалното патријархарно семејно уредување во однос на жените било идентично како Шпанската инквизиција и Холокаустот што се за човештвото и со тој концепт се лимитира ролјата на понежниот пол и го става во челични окови. Лагите за нивната ништовност значи да ги фрлат во амбисот на голготата откаде зраците на надежта изгледале далечни, а пипците на меланхолијата и повеќе од блиски. Неправдата и монотонијата ги потиснувале како топка што е приморано држена под вода и е спремна во секој момент да излезе на површина. Таквиот менталитет ја зацврстил приказната за жените и нивната верба секогаш воскреснувала се додека колку – толку ја достигнале кулминацијата со демократизацијата на одредени државни уредувања каде постоењето на жената е третирано на современ начин. Но и до денешен ден, колку и да е затскриена слободоумноста на жените позади маската на универзалните права, зад затворените врати на семејните заедници се кријат испреплетени сказни кои се потсетник за стивнувањето на жените пред животните проблематики и се придава значење на фамилијарните односи во кои е ставена под лупа агресивноста и горделивоста на мажот и покорувачката страна на жената. Расказите скриени во „Мојот маж“ го обликуваат кафезот во која е заробена суштината на жената, а потрагата по клучот за кафезот се состои во креирањето на критички став кон состојбата на жената при конзумирање на зборовите жигосани во книгата.
Со зачетокот на цивилизацијата, мажот ја искористил сопствената положба и се поставил себе си за центар на општеството и глава на семејството имајќи ја предвид својата физичка сила и зграпчувајќи ја шансата да го креира јавното мислење. Иако оваа збирка раскази е пишувана од модерна перспектива, Румена Бужаровска низ призмата на едноставноста ја црта фреската на сложената слика на фамилијарните релации, особено меѓу мажот и жената и интригантните перипетии во нивното секојдневие ротираат околу љубовта, тагата, децата. Кога веќе се спомена доминацијата на мажот, слично како што се раѓаат бунтовништва во земјата каде царува олигархијата, така и во рамките на фамилијата се раѓаат компликации и противтежи меѓу „двата носители на дејствието“ и тие спротивставености го оживуваат мотивот на содржината. Надмоќноста на мажите е традиционално поплочена и тој потсвесно го сфаќа тоа искажувајќи ја арогантноста во оние безброј караници сметајќи дека неговата бучава ќе ја стави во сенка тивката вистина. Таквата поставеност е евидентна во „Прељубник“. Прељубата е еден од примарните гревови кој го гнаси човековиот психолошки профил и создава немири, осквернувајќи ги односите меѓу членовите на семејството и е осудена дури и во 10 – те Божји заповеди во Библијата. Прељубата не е изненадување во заедницата, таа била присутна меѓу смртниците уште од почетокот на времињата хранејќи ја страста на грешниците. Во границите на овој расказ, Тања е заобиколена од повеќе огнови како жена која треба да се грижи за домаќинството, за правилното насочување на децата, но очигледната вџашеност е дефинирана преку нејзината опсесивност за неверноста и нелојалноста на нејзиниот маж и нарацијата не води низ нејзината хаотична психа која е олицетворение на притаените грижи на жената кои се закопани во кутијата на емоции, ама тие во дадени моменти експлодираат и е доведена до тоа да е водена од љубопитноста и идејата за наоѓање на солуција на ова прашање од огромни размери. Расправиите меѓу двајцата сопружници одат толку длабоко што тие дури забораваат кои биле и не знаат кон што одат и со самиот развој на тој проблем тие забораваат и на своите деца и во овој случај „прељубникот“ ги става пред се личните страсти и интереси затрупувајќи ги чувствата на неговите деца, а жената овде како да е растргната од две јажиња се додека не се откине нејзината трпеливост. Всушност, жената трпела секогаш. Ги трпела и прекорите на мажот, ја трпела неговата возгордеаност како што е прикажано во „Гени“ каде преовладува оној балкански синдром за тоа „на кого се метнало детето, од кој го наследил изгледот, од кој го презел таквото однесување“ и карактеристично е тоа што сите позитивни одлики на детето мажот ги припишува на неговите предци, а негативните ги остава на гените на жена му. Оттаму произлегува и квантитетот на ценење на своите деца и голем број на родители бараат оправдување за мааните и недостатоците на детето во лошите гени на сопружникот, без разлика дали е тоа склоност кон крадење, мрзеливост, вклучување во училишни тепачки итн. Тоа најчесто доаѓа од примитивните сфаќања на одредени мажи кои коренот на сите препреки го бараат токму во гените и го користат тоа и како аргумент несвесно да се оддалечат од едното дете и да бидат поблиски кон она дете што има подобри квалитети. Сево ова е гледано низ очите на жената и преку раскажувачкиот тон таа нам ни придава еден психолошки скелет на нејзиниот маж со што се потврдува значењето на насловот на делото. Фундаментално за „Мојот маж“ е тоа што има една социолошка позадина и сите тие раскази кои егзистираат низ страниците се како грамадни планини чии врвови се обелисци и од секој поединечно може да се формира едно социолошко гледиште врз семејството и бракот преку едно феминистичко видување. Жената е онаа што на свои плеќи го носи сиот товар и се чини дека таа го турка оној Сизифов камен кон угорнината, некогаш успешно, некогаш неуспешно, ама факт е дека огромен дел од воспитувачкиот процес на децата е во рацете на жената и мора да ги трпи сите оние замерки од мажот без разлика дали се неопходни или не. Публиката е жедна за трогателни приказни и окото на вниманието сигурно постојано било насочено и кон расказот „Лиле“ кој позади себе крие траорна атмосфера следејќи ја смртта на ќерката Лиле и тоа се заради една мала несмасност на мајката. Честопати во животот ние толку безрезервно се трошиме себе си за оние коишто најмногу ги сакаме што понекогаш од една беља можеме да срушиме цела кула од карти. Мајчината љубов е толку чиста што е тешко да се опише само со зборови, таа може само да се почувствува. Фигурата која ја создава мешаницата во овој расказ е Лиле, таа не е благословена со примеси на убавина, но добива непроценлива љубов од родителите, особено од мајка и која е постојано присутна околу нејзиното чедо како таа да е нејзин извор на живот и се труди да ја прави среќна, но самиот порив и ентузијазам да ја носи кај нејзината мајка и е ускратен од предрасудите на нејзиниот маж. Но, таа не ни помислува дека токму таа желба ќе биде причината за загубата на кутрата Лиле и тој настан ја носи во најзастрашувачките предели од нејзината менталност и ja ограничува врската со нејзинот маж со што пред него изразува тотална неискреност. Темнината отсекогаш шетала низ семејствата кои се опкружени од несреќа расипувајќи им ги односите и прикажувајќи им визии од минатото сѐ со цел да им докаже дека духот на минатото е елемент кој ќе ги следи цело време за да ги потсети на ужасите на болката која е сместена во најмрачните агли од нивните срца. Преку единаесетте раскази, Румена Бужаровска на полето на литературата создава единаесет столбови на женственоста и распослувајќи ја метафората таа ја претставува продорната сентименталност на жените и ги осветлува добрите и лошите сегменти.
Жените знаат да бидат суштества кои имаат побујна фантазија од мажите и несовршеноста на човековата природа ги носи и нив кон тунелот на похотата. Сите луѓе знаат да бидат опседнати со сексуалноста која игра важна улога во животниот циклус, но сериозната грешничка подлога настапува на сцена кога се раѓа прељуба и тоа „привремено задоволство“ ги искушува луѓето, но конкретно во расказот „Осми март“ авторот се фокусира на чудните мисли на хероината кои и излегуваат на површина и прават еден домино – ефект со кој таа си го нарушува пријателството со нејзиниот колега. Овој расказ ја разбива монотонијата со тоа што е збогатена со еротика и ја отвора Пандорината кутија исполнета со срамни фантазии кои се длабоко скриени сѐ со цел да се задржи професионализмот меѓу личностите. Сепак, се потврдува фактот дека тие забранети сексуални потреби всадени не само во умот на жените, туку и во умот на сите луѓе се само оружје на злото за да нѐ протера кон јамата на деструкцијата.
Сите раскази се слични еден на друг и иако може да се анализираат засебно, тие се поврзани меѓу себе како синџир и формираат еден тврд јазол во кој се крие женственоста преточена во зборови.
Жените се битија без кои мажите не би можеле да си го замислат животот. Иако мажот е главата на семејството, жената многупати знае да се постави во функција на вратот на семејството кој ја придвижува главата. Читателот во ова дело се соочува со единаесет раскази и со тоа станува сведок на единаесет судбини на жени кои се карактеристични по тоа што се наоѓаат во центарот на вознемирувачки моменти предизвикани од патетиката. Моментите на овие жени кои се во корелација со нивните мажи се опишани на таков начин што кај нас побуди амбиција за да истражиме што се крие зад портретот на тие жени. Овие сосема кратки животни приказни имаат способност да предизвикаат долги теми на дискусија со кои би се проучувала психолошката заднина на ликовите кои се како марионети контролирани од кукларот наречен живот. Реализмот кој егзистира во „Мојот маж“ без на него да биде прилепена некоја фикција е доволен фактор со кој ни индицира дека може ова дело да се спои со социологијата со оглед на тоа што овие раскази се бојно поле на загадочни и токсични човекови односи. Персонификацијата на женскиот став меѓу страниците само го привлекува аудиториумот да ги испита менталните анатомии на жената бидејќи на крајот на краиштата, жената отсекогаш била неоткриена тајна.
Лука Иванов II – 7