“Кандид” – Волтер
- Date April 4, 2020
1.Имињата на местата и ликовите во романот на Волтер имаат преносна смисла и сугестивност. Дејството е лоцирано во северозападната германска провинција Вестфалија- место чии жители немаат шарм и дух; името на замокот Тундер-тен- тронк сугерира на тврдиот германски јазик; главниот лик Кандид има име што асоцира на невиност, наивност, непорочност, скромност, чесност… Момче со најкроткиот карактер на свет, плод на забранета љубов на сестрата на баронот и благородник, за чие потекло се знае ,,само” до 71 колено ( во 16 век на францускиот двор потеклото било опсесија). Ќерката на баронот, Кунегонда полничка, румена и привлечна, намерно ќе го испушти шамивчето пред Кандид за да им се спојат погледите и да му стане добра причина за опит. Таа претходно ги забележува проф. по метафизика и теологија Панглос, кој на убавата собарица ќе ѝ даде добра причина заради која ќе имаат последици во грмушката во дворот, од што Кунегонда се возбудува. Професорот е убеден дека не постои последица без причина, дека овој свет е најдобар и нема подобри, дека носот е причина за очила, а нозете за панталони. Кандид и Кунегонда зад параванот ќе имаат опит – причина баронот да го избрка Кандид од замокот, а последица Кунегонда да добие шлаканица од бароницата, поради што сите ќе бидат вчудоневидени во најубавиот свет и замок на цел свет.
2.Избркан стасува во друг град, во гостилница кај Булгарите кои иронично му покажуваат восхит заради висината од 1,80 цм, идеална да биде војник, го честат, го земаат со себе, му ставаат окови и удираат триесет стапа за да види како се станува херој. Продолжува понатаму и среќава четворица високи војници кои го прашуваат дали сака да го камшикуваат или оловни зрна во мозок? Кандид ќе издржа две прошетки крај полкот со 4000 камшици, од тилот до задникот, но ќе заздрави за три недели верувајќи во учењето на проф.Панглос, дека сѐ има своја причина.
3.Кандид газејќи преку трупови во херојската касапница, со својата перцепција за убавината на светот, гледа сјајни бајонети како причина за смрт на илјадници луѓе, храбри војници кои немилосрдно убиваат. Стасува до опустошено село од Булгарите, кои според законите на јавното право колат жени и деца. Гледа отсечени раце и нозе, истурени мозоци на земја.Стасува во Холандија, за која знае дека е богата земја на христијани, слуша говорник кој зборува за милосрдие и кој ќе го праша дали има оправдани причини што е во Холандија. Неговиот одговор е ист како на проф.Панглос, дека нема последица без причина, сѐ е нужно поврзано и најдобро средено. На прашањето на говорникот дали папата е антихрист, одговара дека не знае и дека е гладен за леб. Говорникот го навредува и брка, а жена му истура врз него сад со фекалии. Добродушниот анабаптист по име Јаков ќе го прими во својот дом и нахрани, на што Кандит се радува верувајќи во оптимизмот на учителот дека на светот сѐ е најдобро и не може да биде подобро.
4.Следниот ден среќава човек со налудничав поглед и гнојни рани, му ги дава двата форинти добиени од Јаков и го гледа со жалење. Едвај го препознае својот учител Панглос, од кого дознава дека Кунегонда е мртва, силувана и искасапена од војниците кои ги искасапиле и баронот и бароницата во замокот. Кандид се онесвестува од болка и кога ќе се соземе го слуша својот учител дека има причина за страдањето, а последиците се видливи: ,,љубовта е утишителка на човечкиот род, чуварка на вселената, душа на сите чувствителни суштества, душа на душата”. Кандид со восхит го слуша како со љубов зборува за неговата Пакета, убавата придружничка на бароницата која ќе му подари полова болест, пренесена од стар монах кој ја добил од стара грофица…редејќи ги пренесувачите стасува до Колумбо кој од Америка ја пренесува во Европа. Кандид помислува на Кунегонда која му подарила еден бакнеж за што добил дваесет клоци по задникот – убава причина, а неубави последици! Ќе побара помош од благородниот доктор Јаков, кој ќе го излекува Панглос на своја сметка. Последица на неговата причина за љубов е што ќе остане без едно уво и око. Тројцата заминуваат за Лисабон и по пат доживуваат страшна бура.
5.Бурата го уништува бродот, Јаков спасувајќи морнар ќе се удави во разбранетото море. Панглос ќе ја види причината, дека Лисабонското пристаниште е создадено да го удави анабаптистот Јаков. Преживуваат морнарот, Кандид и Панглос и штом ќе го допрат копното ги погаѓа силен земјотрес, урива сѐ околу нив како да е крај на светот, но Панглос со неговата философија ќе каже дека е добро и не може поинаку и подобро. ,,Невозможно е работите да не бидат таму каде што се. Затоа сѐ е добро”!
6.Во разурнатиот Лисабон, градските мудреци како спас за остатокот од градот решаваат да му приредат на народот ,,аутодафе” – чин на верата, спалување луѓе на тивок оган како церемонијал за спас од земјотреси. Наоѓаат жртви, според познатите инквизиторски методи, еден е бвинет за женидба со кума, двајца кои не го јадат мрсното од пилешко месо, Панглос дека зборува, а Кандид дека го одобрува…Ритуално ги облекуваат во облека на осуденици, Панглос го бесат, а Кандид претепуваат. Истата вечер Лисабон го тресе земјотрес, а Кандид очаен поради загубата на учителот, Јаков и Кунегонда прв пат се прашува ,,ако е ова најдобриот свет, какви ли се другите”?
7. Среќава старица која ќе го лекува и храни три дена, а потоа одведе во Португалија кај Кунегонда. Обајцата од возбуда губат свест, а потоа возљубено си ги раскажуваат патешествијата.
8.Кунегонда раскажува како пред очи Булгарите ѝ го колат семејството, нејзе ќе ја силуваат, ќе добие рана од нож во левиот колк, ќе слугува кај капетанот кој по три месеци ја продава на Евреинот Дон Исакар, голем женкар. Ќе му се спротистави, ,,чесна жена може само еднаш да биде силувана и тоа ја зацврстува нејзината верност” и тој ќе ја однесе во полската куќа каде што се наоѓаат со Кандид. Таму ќе ја види инквизитор, кој под закана ја откупува од Евреинот на 4 дена во неделата. Така Кунегонда им била достапна подеднакво без караници, не знаејќи дали саботите( еврејска), ноќта спроти неделите( христијанска), му припаѓаат на стариот или на новиот завет! Кога Кандид ѝ раскажува за неговите случувања, како инквизиторот го беси Панглос и камшикува Кандид, сфаќаат дека тој е љубивникот на Кунегонда и дека Панглос ги лажел кога им велел ,,сѐ на светот е така како што може најдобро да биде”.
9. Сабота ( сабат), Евреинот доаѓа кај љубовницата и љубоморен на Кандид ја напаѓа Кунегонда со нож. Кандид го убива со меч, а набргу и инквизиторот, кој по договор доаѓал сабота по полноќ. Кандид има причина да убие, прв пат во животот, а како последица ќе мора тројцата( со старицата) да бегаат.
10.Стасуваат безбедно во Шпанија, но Кунегонда ја ограбуваат во гостилницата. Веќе нема извор на пари, Кандид ги убил двајцата. Продаваат еден коњ и тројцата ќе јаваат на еден коњ. Кандид ќе маневрира булгарска воена вежба пред генерал на војска, кој восхитено ќе го назначи да командува со пешадија. Запловуваат со воена флота заедно со старицата, а Кандид ги користи уките од професорот за да ја смири Кунегонда ,,сѐ ќе биде добро, овие мориња се најубави и овој свет е најдобар од сите други”.
11. Старицата го раскажува своето минато и потекло, дека е ќерка на папата Урбан X и принцезара Палестрина, (кои не постојат, постоел папа Урбан VIII во градот Палестрина), дека живеела раскошно, била убавица и ја свршиле со убав принц од Тоскана. Но на дента на свадбата, љубоморната љубовница го труе принцот со чоколадна напивка. Разочарана со семејството заминуваат со раскошна галија на својот имот, но ги напаѓаат гусари од Мароко. Ги заробуваат, соблекуваат голи за да проверат да немаат скриено дијаманти во задниците, жените ги силуваат, а несудената невеста, која девственоста ја чувала за првата брачна ноќ, ќе ја обесчести капетанот на гусарите, одвратен Црнец. Мароко, облеан во крв од војната со Маврите, класна поделеност и немири, ќе биде престорен во касапница, но младата убавица ќе ги преживее страдањата.
12.Ја пронаоѓа убав маж, Италијанец од Неапол и ја носи кај него да ја негува. Во разговор дознаваат дека бил певец кој пеел токму во нејзината палата и ја воспитувал кога имала 6 години. Раскажува како било обичај во Неапол да кастрираат момчиња, некои умирале, некои добивале поубави гласови од жените, а некои станувале државни функционери. Тој имал среќа да стане најпознат пејач. Принцезата му раскажува за трагичната судбина, а евнухот ѝ кажува дека ќе ја врати во Италија. Ја лаже и продава на увернерот на Алжир, каде чумата коси. Ја преживува болеста, продадена е на трговец од Тунис, па на друг во Триполис, препродавана во Александрија, Смирна, Истанбул и на крај кај јаничарски ага во Азов, каде се воделе битки со Русите. Опколени во мала тврдина и изгладнети, јаничарите ќе почнат да ги јадат евнусите и жените. Ќе се смилуваат на жените и ќе им отсечат по парче од задникот за да се најадат. Пристигнуваат Русите, ги убиваат сите јаничари, а жените ги носат во Москва.Таму ќе слугува по крчми и ќе продолжи да работи како крчмарка низ Русија и Европа, стареејќи грдо, со отсечен задник, во срам без доволно сила да се убие: ,,Оваа смешна слабост е една од нашите најкобни склоности; има ли нешто поглупо од желбата постојано да го носиш товарот што сакаш да го отфрлиш? Да се грозиш од себеси, а да се чуваш? На крај да ја милуваш змијата што те јаде, сѐ додека не ти го изеде срцето”.
13. Додека ја слушаат потресната исповед на старицата, тројцата стасуваат со брод во Буенос Аирес кај гувернерот Фернандо, кој веднаш ќе се заинтересира за Кунегонда, прашува дали му е жена на Кандид. Тој вознемирено му одговара дека треба да се венчаат и ќе побара благослов од него. Итриот гувернер го праќа капетанот Кандид да направи смотра на четата, за да може страсно да ѝ се додворува на Кунегонда и да ѝ понуди брак.Старицата ја убедува дека треба да прифати понудата за брак од најбогат човек во Јужна Америка. Во меѓувреме стасува со брод францисканецот, ограбувачот на Кунегонда во гостилницата и поткажувачот кој ќе им го каже името на гонетилите на убиецот на инквизитирот, а тоа е Кандид. Старицата му кажува на Кандид дека го гонат заради убиство на инквизиторот и дека мора да бега без Кунегонда.
14. Кандид со тежина во срцето се збогува со Кунегонда и заминува со слугата Какамбо во Парагвај. Парагвајската војска го пречекува со восхит капетанот што знае булгарски воени вештини, со егзотична трпеза и златни чинии. Кога командантот на парагвајската војска ќе слушне како се вика и каде е роден гостинот, вчудоневидени се препознаваат и радуваат. Кандид ќе го гушне братот на Кунегонда, за кого мислел дека е мртов.
15. Братот на Кунегонда раскажува како после колежот на семејството бил спасен од језуит и однесен во Рим да биде подѓакон и поручник. Посакува да ја види сестра му, како победници да влезат во Буенос Ариес и да ја грабнат Кунегонда. Кандид восхитен му кажува дека сака да ја ожени со што го навредува баронот, братот кој смета дека сестра му има потекло од 72 благороднички лози. Кандид вчудоневидено му раскажува што сѐ направил за сестра му и дека има право да ја ожени и истиот момент добива силен удар од меч по лицето. Кандид му зарива меч до балчак на својот господар, пријател и шура. Кандид- најдобриот од најдобрите веќе има убиени тројца луѓе, од кои двајца свештеници. Седнуваат на коњ со Какамбо и бегаат.
16.Стасуваат до една ливада, седнуваат да каснат, но Кандид се кае и не може да јаде.Одеднаш ќе видат по ливадата растрчани голи млади девојки, гонети од двајца мајмуни кои им ги гризат задниците. Кандид ги убива со пушка мајмуните, а девојките расплакани ги бакнуваат своите мртви љубивници. Вчудоневиден, сфаќа дека во некои земји има и вакви чуда, девојки со мајмуни љубов да водат, без оглед што задникот им страда. Бегајќи од ливадата заспиваат во шума, но се будат врзани од мајмуните Оријани- жители на мајмунската земја, кои спремаат казан да ги сварат и изедат.Кокомба го советува Кандид како да ги разубеди во намерата, и да им каже дека не е добро да ги изедат плодовите на нивната победа и дека ,,језуитот” всушност е непријател на нивните непријатели, и дека само ја носи облеката на језуит кого го убил. Мантијата може да ја однесат во кралството Лос Падрес и да се уверат дека припаѓала на убиениот језуитски офицер. Оријаните ќе проверуваат дека е така и ги ослободуваат славејќи им го подвигот со почит. Каква причина за ослободување – последица на убиството на језуитскиот офицер, братот на Кунегонда!
17.Размислуваат каде да избегаат од овој најубав свет. Оријаните сакаа да ги изедат, дома ќе ги заколат Булгарите, во Португалија ќе ги спалат на клада. Тргнуваат за Кајена (Гвајана), коњите ќе им пцовисаат од премор, храна веќе немаат. Наоѓаат палми со кокосови ореви и го полнат чунот најден на брегот. Стасуваат во земја каде корисното е убаво, убави луѓе, весели деца што се играат со злато, смарагди, рубини… Излегува кралскиот учител да ги врати во училиштето, а Кандид ги собира скапоцените играчки на децата.Влегуваат во кафеана, слушаат перуански јазик, седнуваат на маса каде им принесуваат чорба од папагали, варен кондор, печени мајмуни, колибри и разноразни деликатеси сервирани во горски кристал. Откако ќе јадат сакаат да платат со скапоцените плочки, собрани од нивната земја, на што домаќините се потсмеваат и великодушно ги честат. Вчудоневидени се од таква земја каде сѐ оди како треба.
18.Елдорадо.Врати од сребро, sидови од злато, пијалаци во дијамантски пехари е кралството на некогашните Инки кои тргнале да покорат дел од светот, но биле уништени од Шпанците. Оние што ќе останат во Елдорадо (златната земја, која Волтер ја нарекува Утопија), ја сочувале својата среќа.Во разговор со еден мудрец дознаваат за обичаите, дека имаат еден Господ, но не му се молат оти им дал сѐ, и дека сите луѓе се свештеници во својот дом и околината. Мудрецот ги праќа кај кралот, во кочија од 6 овни и 12 слуги. Во палатата ги пречекуваат 20 убавици кои ги водат во бања облечени во перја од колибри, а потоа кај кралот кого го бакнуваат во двата образа. Ќе се вчудоневидат од фонтани со розова вода, ликер и шеќерна трска, како и од љубезноста и шармот на кралот. После еден месец гостопримство сакаат да заминат со 12 овци и камења од Елдорадо со што би ја откупиле Кунегонда и би живееле богато. Кралот не му е јасно зошто Европејците ја сакаат нивната жолта кал, но ќе им обезбеди чудесна машина направена од 3000 физичари за 15 дена, ќе ја натовари со скапоцености и испрати да ја ослободат Кунегонда.
19.Кандид среќен го врежува името на Кунегонда по сите попатни дрвја, но немаат среќа да го сочуваат богатството, минливо на овој свет. Им остануваат само два овна. Среќаваат црнец без рака( му ја отсекле цела зашто останал без прсти при работа) и нога ( сакал да избега), облечен само во сини гаќи. Кандид вчудоневидено го спомнува учителот Панглос кој го учел на оптимизам и дека треба да се откаже од ,,страста да се тврди дека сѐ е добро кога е и лошо”. Распрашувајќи се за брод што патува за Буенос Аирес кај Кунегонда, дознав дека таа му е најсаканата љубовница на гувернерот. За да стаса бргу со бродот, ќе му преплати на трговецот кој буквално го ограбува, а потоа и судијата му бара многу пари за тужба против трговецот. Сѐ повеќе се вчудоневидува од неправдите по светот, сфаќајќи дека е добро само во Елдорадо.
20.На бродот за Бордо со Кандид ќе патува научникот Мартин, кој немал за што да се надева, за разлика од Кандид кој се надевал на Кунегонда. Мартин смета дега Бог ги оставил во лоши раце : ,,Сѐ уште немам видено град што не посакува соседниот град да пропадне, ниту семејство што не посакува да му ископа гроб на друго семејство. Насекаде слабите посакуваат да ги уништат силните пред кои инаку лазат, а силните постапуваат со нив како со овци, продавајќи им ја волната и месото. Еден милион убијци трчаат низ Европа и дисциплинирано убиваат и ограбуваат за корка леб, бидејќи не знаат за пристоен занает. Во мирните градовите луѓето повеќе страдаат од завист, грижа и неспокој отколку во градови опседнати со зла. Скриената мака е уште поболна отколку бедата што се изнесува јавно”.Додека Мартин и Кандид расправаат, два брода во судираат, потонува бродот на холандскиот пират што го беше ограбил Кандид, а Кандид од водата ја спасува својата овца. ,,Гледате дека понекогаш злосторствата се казнуваат”
21.Стасуваат во Франција за која Мартин вели дека има налудничави жители но и со добар дух, а на сите преокупација им се љубовта, озборување и кажување глупости. ,,Работејќи во печатница го запознав писателскиот џган, отпадок што кисне по гробишта”. Кандид мисли само на средбата со Кунегонда и мудрувајќи со научникот Мартин стасуваат во Бордо.
22.Во Бордо го остава својот овен за научни цели, во Академијата на науките, научно да се потврди зошто овенот е црвен. Стасуваат во Париз, Кандид од премор се разболува, но набргу заздравува. Одат по театри и на една пиеса Кандид забележува актерка која ќе му се допадне зашто личи на Кунегонда. Посакува да ја запознае кралицата, а опатот му вели дека таквите се интересни дур се млади, потоа завршуваат на буниште. Кандид го прашува опатот дали навистина луѓето во Париз постојано се смеат, добивајќи одговор дека најчесто се смеат од незадоволство правејќи одвратни работи. Кандид среќава еден таков кој ќе му изнакаже грдотии за пиесата и кралицата актерка, а опатот му вели: ,, Тој е листокрпач ( неологизам на Волтер за журналисти- памфлетисти), шири зло и така заработува за леб, зборува лошо за сите пиеси, актери, книги,, мрази сѐ што постигнува успех, како евнусите што ги мразат оние кои уживаат”. Кандид нема среќа да ја запознае актерката, г-ца Клерон, но патот го носи во предградието Сент Оноре кај маркиза де Паролињак. Додека одбраното друштво ќе игра карти, маркизата со еден умен човек ќе зборува за здодевните книги, за театарски претстави без вредност. Умниот ќе каже дека во театарот треба да се говори чисто, на свој јазик, а поради римата да не страда содржината. Кандид со восхит го гледа и споредува со Панглос, неговиот учител кој го убедувал дека овој свет е прекрасен и нема подобар, а несреќите се само сенки на една прекрасна слика. Мартин на тоа коментира дека тие сенки се страшни дамки. Маркизата ќе го заведе Кандид, ќе му земе два дијамантски прстени од раката, а тој ќе чувствува грижа на совест поради неверството. Неочекувано добива љубовно писмо од Кунегонда која боледува и сака да го види. Пресреќен оди кај неа, ѝ подарува прстени и злато, но полицајци го апсат.Наивниот Кандид е изманипулиран од уличарка и обични крадци во полициска униформа, кои знаат колку очајно сака да ја сретне Кунегонда.
23.Кандид и научникот Мартин пловат накај Англија каде живеат мрачни луѓе (алудирајќи на зборот сплин – тага).Во Портсмут ќе видат убиство на адмирал, убиен зашто не се потрудил да убие повеќе луѓе (Англија и Франција се во војна).
24. Пристигнуваат во Венеција. Кандид насекаде ги бара Какамбо и Кунегонда. Разочаран, што заминал од Елдорадо и се вратил во грдата Европа, се согласува со Мартин дека сѐ е само илузија и несреќа и паѓа во меланхолија. Мартин му забележува дека е лудост што очекува дека слуга мулат со 5-6 милиони вџеб ќе му ја донесе љубовницата – со тие пари ќе си ја земе за себе или ќе си најде друга. Среќаваат вљубен пар, Кандид како оптимист им се восхитува, а Мартин песимистички го убедува дека не е така како изгледа. За да му докаже, ги кани на вечера и Кандид ја препознава Пакета која ќе му ја раскаже судбината, како почнала од маж на маж да се занимава со одвратен занает кој за мажите е весел, а за жените бедна пропаст. Мартин слушајќи му дава до знаење на Кандид дека облогот е негов. Слушајќи ја исповедта на братот Жирофле, кој само изгледа како здрав и среќен манастирски човек, Кандид сфаќа дека Мартин бил во право за ,,вљубениот” пар, дека не е така како изгледале. Но Кандид повторно оптимистички размислува, ако ги среќава живи луѓето од минатото, ќе ја сретне пак и Кунегонда.
25.Стасуваат во раскошната палата на благородникот Пококуранте, кој ги прима учтиво, но не и срдечно. Гледаат убави девојки со кои шеесетгодишникот се забавувал откако му здодеале дворските дами, уметнички слики од Рафаело кои сопственикот ги банализира дека не му се битни како ни оперските арии, театри, претстави, ниту книгите на Хомер, кого го коментира како здодевен, ликовите на Вергилиј во Енеида студени и непријатни, Ариосто и Тасо за приспивање, а Милтон за варварин. Кандид воспитан да нема свое мислење за ништо, го слуша вчудоневидено кога ќе каже ,,будалите се одушевуваат од сѐ кај еден прочуен автор, а јас го сакам само она што можам да го употребам”.Кандид смета дека домаќинот е посреќен од другите затоа што е над сѐ што го има, а Мартин дека е човек кому му е одвратно сѐ што има, цитирајќи го Платон ,,не се најдобри оние желудници што одбиваат секаква храна”.
26. Кандид конечно го здогледува Какамбо, (продаден како роб) му се радува надевајќи се дека со него е Кунегонда. Се разочарува, кога дознава дека таа е во Истанбул. На трпеза седнуваат со шест кралеви, служени од нивните шест слуги кои ги известуват дека кочиите и чуновите се спремни за заминување. Вчудоневиден Кандид го прашува првиот крал кој е и добива одговор дека е Ахмед III и дека внук му Мехмед го пратил во Венеција на карневалот; вториот е рускиот цар Иван, третиот Чарлс-Едвард крал на Англија, четвртиот на Полјаците, петиот е Станислав исто од Полска и шестиот Теодор, крал на Корзика (видно осиромашен ќе побуди милост од другите кралеви кои му даваат по пет цекини). Набргу доаѓаат уште четири кралеви (кои низ војни ги изгубиле кралствата) за да ги поминат карневалските празници во Венеција.
27.Кандид и Мартин запловуваат накај Истанбул. Какамбо раскажува за судбината на Кунегонда, дека мие садови на брод, робува во куќа на стар владетел Раготски (варијанта на име на унгарски благородник) и веќе не е убава. Кандид најодговорно вели дека ќе ја сака и грда, но е вчудоневиден каде се милионите што му ги дал на Какамбо за да ја најде и откупи? Какамбо раскажува кому сѐ морал да ги раздаде за да ја откупи. Кандид го ослободува од ропство и заедно со Мартин тргнуваат по Кунегонда. На бродот Кандид ги среќава баронот што го убил( братот на Кунегонда) и Панглос, како робови што веслаат на галија, и ги откупува.
28.Кандид бара прошка од баронот, за зариениот меч до балчак. Баронот му простува и раскажува дека после заздравуњето од раната почнале низа неволји и на крајот, кога ќе го видат гол со муслиман како се капат поради жешкото време, го осудуваат да работи на галија. Панглос раскажува како јажето околу вратот поради дождот се лизнало и го преживеал бесењето, исто и сечењето на стомакот од еден хирург кој мислел дека сече мртовец, како и шиењето на резот на стомакот од бербер.Станува слуга на витез од Малта, па кај венецијански трговец со кој заминува за Истанбул, каде во една џамија ѝ го подава испуштениот букет на една млада богомолка, поради што добива сто камшици од кадијата. Го испраќаат на галија, каде се среќава со баронот. Поради расправијата, кој претрпел поголема неправда, дневно ќе добиваат по дваесет воловски жили по грбот. Слушајќи го вчудоневидено својот учител, Кандид го прашува кога го беселе, сечеле и камшикувале, дали сѐ уште верувал дека на светот сѐ е добро, да не може да биде подобро? Панглос одговара философски, дека не му прилега да се одрекува себеси. ,,Лајбниц не може да погреши бидејќи предодредената хармонија е нешто најубаво на светот, какви што се полниот простор и суптилната материја”.
29.Пловејќи накај Трансилванија ќе расправаат за причините и последиците, за вечната борба на доброто и злото, слободата и нужноста. Стасуваат кај старицата и Кунегонда (која сега е грда, поцрнета со испукани раце), Кандид учтиво ќе ја гушне и ќе ги откупи двете. Се сместуваат на еден мал имот каде Кандид соопштува дека ќе ја ожени Кунегонда. Баронот, нејзиниот брат, покрај сѐ што Кандид направил за сестра му и на крај таква грда сака да ја земе, остро се противи не дозволувајќи сестра му, со такво потекло, да се ожени за некој подреден на нивната лоза.
30.Кандид веќе нема желба да се ожени со Кунегонда, но дрскоста на баронот го тера кон инает. Мартин ладнокрвно го советува Кандид да го фрли баронот во море, а Какамбо предлага да го вратат на галијата и испорачаат во Рим. На Кандид од оптимизмот, дека ќе ја ожени љубената, ќе живее во друштво со почитуваните Панглос и Мартин, со грижата на Какамбо и со дијамантите од Елдорадо, му остана реално само грда и неподнослива жена, лоша и саката старица, преморен слуга, Панглос без надеж, Мартин со многу песимизам и многу малку земја за обработка. Животот на крај му станува патетичен. Старица ќе се запраша: ,,дали е полошо да те силуваат гусари, да ти отсечат задник, да те тепаат редум, да те обеси инквизиција и да ги поминеш сите несреќи или да седиш тука и ништо да не работиш”? Мартин додава дека ,,човекот е роден да живее во грчевите на неспокојството или во летаргијата на здодевноста”. Кај нив стасуваат Пакета и братот Жирофле кој сега е потурченик. Панглос ѝ кажува на Пакета дека неговиот занес кон неа сега го чини едно око, уво и дел од носот. Слушаат непријатни вести од целиот свет кој се распаѓа од страдања и војни. Романот завршува преку разговор со еден мудар старец, Турчин, кој не знае за никакви страдања по светот, затоа што си ја одгледува својата градина. Ги внесува во семејната куќа каде две ќерки и двајца синови ги служат со богати и вкусни јадења кои сами ги произведуваат велејќи им ,,работата не одалечува од трите најголеми зла, здодевност, порок и нужно зло” ( што е една од поентите на романот).
Кандид сфаќа дека Турчинот си создал свој свет, многу подобар од кралскиот, од светот на големците кои живеат опасно и завршуваат очајно. Од тој момент сите почнуваат да го работат тоа што најдобро го знаат, сфаќајќи дека само преку работа животот станува поднослив. Панглос гласно размислува дека ако не биле сите страдања, сите непријатни настани во овој најдобар од сите можни светови, сега немаше да бидат тука и да јадат зашеќерена кедровина и кикирики. Романот завршува со размислата на Кандид : ,,тоа е добро кажано, но ние треба да ја обработуваме нашата градина”. Главниот лик Кандид е всушност Волтер, едно од неговите лица, духот на вечното дете кое светот го гледа вчудоневидено,било кога гледа лошо или добро. Философскиот роман е ремек-дело во почетокот на 18 век, веднаш распродадено во 6000 примероци, но и забранувано под изговор дека е штетно за религијата и добрите обичаи. Преку поврзаните ликови (како да се семејство) и нивните судбини, преку вечниот оптимизам на Кандид (воспитан така од неговиот авторитет учителот Панглос), Волтер го поставува прашањето за смислата на животот. Волтер, како генијален ум на просветителството, преку иронија и пародија, го критикува оптимизмот, т.е. оптимистичката теорија за постоење на неговиот германски колега, философот Лајбниц, кој ѝ се додворувал на власта поддржувајќи го законот на подоброто (principe du meilleur) и идејата дека овој свет е најдобар од сите можни светови”