,,Со раѓањето плаќаме за стапнувањето на големата сцена на будали”

Генијалецот ќе биде обожуван и од кралската свита и од народот, неговите дела, после библијата, се најчитаните низ светот. Умешно ќе комбинира комедии, трагедии, историски и љубовни драми, ќе се спротистави на традиционалното мислење, уште од времето на Аристотел, дека уметноста само ја подражава природата и ќе создаде силни, сложени трагични ликови инспиративни за сите времиња. Живот како загатка Роден е на 160 км северозападно од Лондон, во Стратфорд, крстен на 26 април 1564 година (тогаш бебињата се крштевале три дена по раѓањето, затоа за негов роден ден се смета 23 април). Истата година кога е роден, од вкупно 1600 жители во Стратфорд 15% умираат од епидемијата на црната смрт – чума.Неговата родна куќа секоја година е мета на многу туристи, а 2000 та година е реставрирана со ентериер кој личи на куќите од 1570 година. Во истиот град, познат како Шекспирова земја, се наоѓа Кралскиот Шекспиров театар. Татко му Џон бил трговец со волна и земјоделец кој со труд го надминал стандардот на нискиот слој каде припаѓал. Со чеизот од сопругата Мери Арден, големо земјиште за обработка, веќе ќе има оптимални услови за заработка и угледна кариера. После Вилијам ќе имаат уште три сина и една ќерка. По смртта на Џон, куќата ќе му припадне на Вилијам, а тој ќе ѝ ја препише на сестра му Џоана. На 7 години тргнува во школо, од 7 до 17ч попладне учи граматика, етика, реторика, латински, грчки, ги чита делата на Платон, Сенека и ,, Метаморфозите” на Овидиј (основно образование!). Семејството материјално пропаѓа кога Вилијам има 13 години и нема да продолжи со високо образование на Оксфорд или Кембриџ. Се жени на 18 години со Ен Хатавеј која има 26 години и веќе е бремена со нивната прва ќерка Сузан. Првата негова биографија е напишана 23 години по неговата смрт и била полна со неповрзани фрагменти, непроверени податоци налик на озборувања, но во неговите дела има чисти рефлексии и алузии од неговиот брак и живот. Женејќи се со Ен го користи нејзиниот чеиз од 7 фунти и за бракот, во ,,Многу врева за ништо” ќе запише дека ,,сѐ е добро кога добро ќе се сврши”. Во тестаментот на Ен ѝ остава само кревет. На 20 години веќе има три деца, ќерка и близнаци кои ненадејно ги напушта и заминува за Лондон, период за кој нема јасни податоци и е наречен ,,изгубени години”. Според некои податоци заминал за Лондон да избега од затворска казна за незаконски лов на елени на имотот на сер Томас Луси, но не е докажано. Според други во Лондон се наоѓа со познаник од детството, Ричард Филд, познат издавач кој ќе му ја отпечати песната ,,Венера и Адонис” што предизвикува озборувања дека се во некаква врска, но исто не е докажано. Докажано е дека Шекспир во Лондон ќе се реализира како актер, член на лондонскиот драмски театар и миленик на кралицата Елизабета. Доказ се стиховите: … Се појави еден Скороевиќ кој се кити со наши пердуви, со срце на тигар под кожата на глумец, кој за себе мисли дека како и најдобрите од вас е вешт во пишување слободни стихови и да е, бидејќи сѐ умее и знае но само во својата уобразеност, единствениот Сценотресец во земјата” – Shakescene = Shekespeare. Неговиот нескротлив талент ќе предизвика љубомора и завист, ќе се обидуваат да го деградираат, да го тргнат подалеку од сцената од која сите ги засенува како мајстор на сите занаети, Johannes fac totum, актер, поет, драмски писател, едноставно генијалец! Драмата Хенрих VI ќе остане препознатлива по стихот ,,О срце на тигар под женска кожа” што алудира на неговото моќно, брзо творење и глумење, а женските улоги ги глумеле млади момчиња со неоформен машки глас, адолесценти. Театарот блеска, пуританците го сметале за место на порок и грев, но претставите на Шекспир доживуваат успех и ништо не може да ја отргне публиката освен епидемијата. Во 1593 година, за една година во Лондон умираат 10 675 луѓе, од вкупно 200 000.жители.Театрите биле најголема опасност за ширење на зараза затоа ќе бидат затворени, ногенијалецот продолжува да пишува поезија – раката на генијот ништо не ја спречува, дури ни по смртта. Умира опкружен со деца и внуци, оставајќи ремек дела. Во последното дело ,,Бура” преку ликот на Просперо испраќа вонвременска порака : ,, Нашата свеченост е завршена.Нашите играчи беа духови кои исчезнаа во воздухот… И како ткаенина од несуштествено привидение, така и кулите што допираат облаци, раскошните палати, возвишени храмови, па дури и оваа голема земјена топка ќе исчезнат, исто како овој нестварен призор што ќе избледи без трага да остави. Ние сме ткаенина, предиво од кои сништа се ткаат, а нашиот мал живот е урамен во сон”.