Анализа на делото „Канцониер“ од Франческо Петрарка
Франческо Петрарка, како познат италијански научник, мислител и врвен поет е еден од основоположниците на ренесансата во Италија, а воедно и меѓу првите истакнати творци во тоа време во западна Европа. За разлика од творештвото од средновековието или т.н. период на возвишување на Бог и еднобоштвото, со развитокот на ренесансата согледуваме драстична промена – човекот е далеку од занемарен, неговото место сега e за првпат во центарот. Водејќи се по овие принципи, Петрарка е првиот кој вклучува индивидуализам во своето творештво, односно првиот индивидуалист во сферата на европската лирика кој е свртен кон самиот себе, возвишено ослободувајќи ги чувствата во стиховите кои ги создава. Како резултат на тоа, неговите дела се прочуле надалеку во најкраток можен рок; тие станале предмет на восхит низ цела Европа, непосредно по нивното создавање. Оставиле длабоки траги зад себе и забележителни се до ден денес и сè уште претставуваат пример за лирската поезија на светско ниво.
Поетот ја доживеал кулминацијата на својата слава преку делото „Канцониер“. Воглавно составено од сонети, тоа е дело во чии стихови се опеани искрените чувства на Петрарка и нестабилноста на неговата душевна состојба, нешто дотогаш невидено. Забележуваме величествена градација на емоциите од почетокот сѐ до самиот крај. Сонетите будат силни чувства и кај читателот, создаваат болка и сочувство кон поетот бидејќи лесно е воочлива неговата тага, како и жалењето и разочараноста, особено во стиховите кога тој зборува за неговиот несреќен живот. Причината за очајот со кој Петрарка непрестано се соочувал се крие во сенката од неговото срце. Тоа всушност била невозвратената љубов од идеалната жена, Лаура, која што станала центар на неговиот живот уште од моментот кога првпат ја здогледал, а воедно и опсесија во неговата лирика. За жал, таа веќе била мажена и има многудетно семејство за што Франческо бил свесен уште од самиот почеток како и, за последиците од неговите чувства со кои еден ден тој ќе морал да се соочи. Така, имајќи го предвид патешествието што претстоело, тој заслепен од љубовта сепак го посветил сиот свој живот на неа, никогаш неоткажувајќи се. Сѐ уште не е јасно дали тој некогаш воопшто разговарал со неа, но се верува дека само еден фрлен поглед кон Лаура му послужил како инспирација да пишува поезија за неа до крајот на животот.
Во стихозбирката се воочува уште еден судир, но овој пат судирот ги инволвирал и проблемите на светот околу него. Станува збор за судирот меѓу моралот на свештенството и не-толку-слатката љубов од која поетот никако не можел да се ослободи. Тој и покрај љубовта кон Лаура или можеби токму поради силните чувства што владееле во него, започнал да се занимава со свештенство. Спротивно на очекуванит придобивки, добива силен удар од реалноста, а тоа му ги отвара очите кон лицемерието што се криело зад насмевките околу него. Соочувањето со оваа вистина, фактот дека дури и животот надвор од неговото осамено секојдневие е осуден на пропаст го довело Петрарка во една невозможна ситуација. Оној момент кога веруваме дека „не може да е полошо од ова“, се покажал како моментот кога неговото страдање тукушто започнало, сѐ поради ужасниот настан кој никој не можел да го предвиди – смртта на неговата сакана. „Сакана“ е всушност огромно потценување на неговите емоции, таа за него била жената во која тој бил лудо заљубен откако знаел за себе, затоа соочувањето со нејзината смрт најверојатно било најтешкото нешто што поетот некогаш го доживеал. Комплетно уништувајќи му ја психата, овој морничав настан воопшто не помогнал во неговите бескрајни обиди да ја преболи, туку напротив, како еден дел од него да умрел со неа. И покрај сѐ, во очите на поетот, Лаура заслужувала место во рајот бидејќи неговата замисла за неа засекогаш останала совршена. После една ваква случка, човек не знае што да прави со себе, па мислите почнале да го јадат Петрарка одвнатре, дури посегнувал кон сопствената смрт како спас од пеколот кој го нарекувал живот. Едноставно не умеел да се соочи со случувањата; творењето останало како негова единствената причина за живеење иако за жал, тој не живеел уште долго, но барем го дочекал својот крај правејќи го она што најмногу го сакал.
Може да се каже дека Франческо Петрарка е најважната фигура на италијанската ренесанса. Неговите сонети се најдобар пример за менување на темите во книжевните записи на средновековната литература каде преовладуваше религиозниот карактер во содржини каде човекот е главен, во периодот на ренесансата. Тажна е помислата дека сите од нас кои не говорат италијански никогаш нема да можат да се препуштат на комплетно восприемање на неговите дела и целосно да ги доживеат истите. Со преводот на било кој друг јазик неспорно е дека се губи и дел од убавината на едно дело, но сепак, секој може да ја воочи специфичноста и посебноста на неговото дело „Канцониер“, но и лирскиот печат кој Петрарка го оставил врз него.
Марија Петрова II-2