Корчагинскиот „ИСЦЕЛИТЕЛ“


Најуспешниот и најгледан филм изминатата година во Македонија е „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески. Филмот се здоби со вртоглави рецензии и коментари, а неговата проекција во Скопје беше поздравена со стоечки овации. Оваа црна комедија се закити со награди и признанија на многу престижни фестивали. Во дебито на Ставрески има совршена рамнотежа на забава, социјален коментар и трогателност.Според некои критичари филмот не само што ќе биде отскочна штица за кариерата на Ставрески, туку може да ја повлече напред пошироката македонска филмска индустрија. Ѓорче Ставрески е поранешен Корчагинец кој има бројни обожаватели меѓу денешните Корчагинци. Интервјуто со Ѓорче ви го пренесуваме во целост:

Пред колку години седевте во корчагинските клупи?
Пред повеќе од 20 години.

Кој Ви беше класен раководител?
Проф.Милка Цветковска

Кој Ви беше омилен професор и предмет?
Стефан Сидовски, филозофија. Математиката и физиката беа моја страст, меѓутоа сепак Сидо ми го „ќари“ срцето со неговите предавања.

Што не сакаше ученикот Ѓорче Ставрески да учи?
Историја и географија. Гледајќи со дистанца, особено што сега дејноста ми е „раскажување приказни преку подвижни слики“ мислам дека наставниот пристап ми пречеше: фокусот беше на памтење години и ладна фактографија, наместо на приказните и големата слика.

Дали интересот за филмската уметност постоел уште од средношколските денови?
Никогаш не ме интересираше филмот. Повеќе сакав да читам. Меѓутоа влегов во некоја приватна криза додека студирав на Електро-техничкиот факултет, видов дека има уписи на филмска режија, собрав храброст и отидов на Факултетот за драмски уметности. Почнав да гледам интензивно филмови, ја засакав уметноста и одлучив да се запишам.

Имаа ли професорите разбирање за вашата страст за филмската уметност, или на тоа се гледаше како на ерес?
На 10-годишнината од матурска, кога се видов со класната Милка, со еден сериозен поглед и загрижен глас ме праша: Ѓорче, вистина ли е веста дека ти како еден од најдобрите физичари и математичари си одлучил да учиш за циркузант?
Ме изнасмеа, меѓутоа нејзе не и беше смешно. Сериозно ме искара за изборот. Мислеше дека фрлам голема научна иднина под воз. До некаде беше во право. Меѓутоа научниот, исто како и уметничкиот пат е поплочен со многу предизвици. Можев да завршам на Стенфорд како еден мој драг пријател, но можев и да продавам костени на плоштад. Никогаш не знаеш.

Дали „Корчагин “ направи подобра личност од Вас, дали ви ги крена повисоко професионалните стандарди, учејќи ве дека макотрпната работа заедно со многу вложен труд секогаш дава видливи резултати?
И да и не. Да, затоа што дефинитивно беше бескомпромисна образовна институција која од учениците бараше многу. Јас бев типична бубалица, секогаш со сите петки, ниту една четворка, дури ни на полугодие. Таа моја желба за учење ме штити низ годиниве. Сакам да сум спремен за било кој предизвик и не правам ништо неподготвен. Од друга страна, „Корчагин“ не ме научи да се фокусирам на тоа што ми е мене битно. Не ме насочи. Ако му е на човек битно се, тогаш ништо не му е.Веројатно мојата 13-ноемвриска награда за достигнувања во науките и математиката требаше да биде доволен гарант дека ќе останам во таа област. Мислам дека школото, наместо да ме насочи натаму, некако ме оддалечи. Можеби беше и до мене, имав девојка, почнав да свирам во панк бенд, читав интензивно романи и филозофски дела и потсвесно ми отиде паметот на друго место.

Нуди ли Корчагин знаење кое останува откако ќе заборавиш сè што си прочитал во учебникот, вградуваа ли вашите професори во вас вистински вредносен систем?
Останува, нормално. Има едно општо знаење кое е влезено низ моите мозочни ќелии и кое ми е мило што е таму. Дополнително ми се допаѓаше што професорите беа почитувани. Не беше возможно, како што слушам приказни сега, заради општествениот статус на родител, некој ученик да се толерира до перверзија. Се знаеше, доколку си некултурен, не ти е местото тука.

Што најмногу ви недостига од корчагинските средношколски денови?
Многу работи. Безгрижноста, другарите, тој еден детски оптимизам дека сите врати се отворени, џагорот на голем одмор, погледите на симпатијата.

Колку е тешко во Македонија да се сними филм?
Исклучително тешко. Требаше да се испешачи долг пат со многу предизвици. Често бев на праг на финансиски крах, живеев во длабока неизвесност која прави непоправлива штета на приватниот живот. Се уште не можам да закрепнам и знам дека треба време за да се опоравам од шоковите. Во поголемиот дел од времето се чувствував како заложник на филмот. Кога и да се свртев наназад гледав дека премногу е направено за да се откажам, но гледајќи напред иднината беше сосем неизвесна, крајот завиен во магла. Пекол, со мали изблици на нирвана.


Пипер в уста
Песна од филмот Исцелител, компонирана и изведена од Бранислав Николов, Пеце Трајковски – Брада и Гоце Јованоски

На следниов линк можете да ги погледнете трите краткометражни филма на Ѓорче https://vimeo.com/album/2466873