Корчагинци ќе го развиорат македонското знаме на Интернационалната хемиска олимпијада во Тајланд!


Корчагин несомнено се гордее со своите талентирани, но и трудољубиви ученици кои доминираат на натпревари од најразлични области. Меѓу нив, Филип Трајковски е успешен Корчагинец кој е повеќекратен државен првак по хемија, но и веќе двократен учесник на Интернационалната хемиска олимпијада. Имено, матурантот Филип континуирано учествува на натпреварите по хемија уште од својата прва година во Корчагин, притоа надминувајќи ги дури и своите постари конкуренти и триумфирајќи во сите категории на натпреварувањето(општински , регионални и државни). Веќе во втора година, Филип стана дел од престижната дванаесеторка на најдобри ученици по хемија од прва до четврта година и со тоа се избори за влез во селекцијата на МХО( Македонска хемиска олимпијада). Ликувајќи и во селкционите натпревари, Филип освои престижен пласман за учество на натпревар од светски размери- IChO 2015 кој се одржа во Баку, Азербејџан и на кој учествуваат повеќе од 80 земји со по 4 свои натпреварувачи. Блескавата победа на Филип во селекционите натпревари се повтори и во следната 2016-та година, кога тој повторно ги бранеше боите на македонското знаме, но овојпат во Тбилиси, Грузија. Младиот лауреат, скромен, но амбициозен за нови успеси и победи е дел и од овогодинешниот македонски тим претставници на IChO 2017. Неговите стапки ги следи и една генерација помладиот Антонио Андоновски кој заедно со Филип се подготвува за 49-тата Интернационална хемиска олимпијада која ќе се одржи од 6-15 јули во Након Патом, Тајланд. За престижното натпреварување, амбициозните Корчагинци напорно се подготвуваат, посетувајќи предавања од универзитетски професори на Институтот за хемија. Инаку Филип, кој е и првенец на неговата генерација, има постигнато значајни успеси и на натпреварите по математика. Во втора и трета година тој освои трето место на државниот натпревар, а во четврта година се пласираше на второто место. Во интервјуто кое следува дознаваме повеќе за Филип, неговите успеси и идни планови. 1. Колку време учествуваш на натпревари по хемија? На натпреварите по хемија учествувам од прва година во средното образование. Потоа продолжив со учество во текот на наредните три години. 2. Дали очекуваше толку голем успех кога започна со натпреварување? Со оглед на тоа што претходно немав искуство со натпревари по хемија, не очекував дека по една година ќе бидам дел од тимот кој што ќе ја претставува Македонија на Интернационалната Хемиска Олимпијада (IChO). Особено ако се земе предвид дека бев меѓу помалите ученици (II година, додека повеќето беа од III и IV година), за мене претставуваше голем успех пласманот и можноста да учествувам на еден исклучително значаен меѓународен натпревар. 3. Колку време се подготвуваше за натпреварите по хемија и дали подготовките беа исцрпни? Циклусот на натпревари по хемија започнува со општинскиот, а потоа следуваат регионалниот и државниот натпревар. За секој натпревар поединечно се подготвував, особено во седмицата пред нивното оддржување. По државниот натпревар следува Македонската Хемиска Олимпијада (МХО) на која се избираат 10-12 натпреварувачи. Овие натпреварувачи понатаму одат на подготовки кои се спроведуваат во текот на неколку месеци на Институтот за хемија при Природно-математичкиот Факултет. На овие подготовки има предавања со кои се прошируваат нашите теоретски знаења, а исто така и се оспособуваме за работа во лабораторија и изведување на експерименти. По ова се одржува Селекционен натпревар на кој конечно се избира тимот од четворица за IChO. Овој тим продолжува со интензивни и исцрпни подготовки на Институтот за хемија за време на летниот распуст. 4. Какви се твоите впечатоци од светската олимпијада по хемија, со оглед на тоа дека си веќе двократен учесник на IChO? Дали натпреварувачите гледаа меѓусебно пријателство или пак конкуренција? Учеството на IChO за мене беше прекрасно доживување токму затоа што се запознав со мноштво луѓе од различни држави. Низ разговорите со нив, се запознав со начинот на живот во другите држави од светот, различни култури, како и разликите помеѓу образовните системи и начинот на селекција на тимот за IChO. Токму затоа можам да кажам дека натпреварувачите имаа голема желба да се спријателат едни со други бидејќи ова претставува ретка шанса за запознавање и остварување на контакти со млади личности ширум светот. Исто така, посетата на земјите-домаќини на натпреварот, Азербејџан во 2015 и Грузија во 2016, разгледувањто на знаменитостите и прошетката низ градовите оставија голем впечаток на мене. Сѐ на сѐ, сметам дека учеството на IChO претставува многу вредно искуство за мене. 5. Дали се спријатели со некои од останатите учесници на олимпијадата? Да, помеѓу натпреварувачите на IChO владее пријателска атмосфера. Споделувањето на искуства и доживувања нѐ зближи иако доаѓаме од различни држави, средини и култури. На крајот, сите ние сме млади личности со слични интереси и афинитети, а особено нѐ поврзува љубовта кон хемијата и науката воопшто. 6. Можеш ли да нѝ ја доловиш атмосферата што владее на натпреварувачкиот ден на IChO? Сите натпреварувачи, помалку или повеќе, се возбудени и со нетрпение очекуваат да ги видат подготвените проблеми. На патот кон факултетот каде се одржува натпреварот, додека се возевме во автобус, некои од нив повторуваа од своите забелешки, додека некои пееја песни и делуваше како воопшто да немаа трема. Но сепак, мислам дека кога конечно ќе седнеш на работното место, тремата исчезнува и почнуваш да се фокусираш на проблемите. Исто така потребна е концентрација и добро планирање на времето заради обемноста на испитот за кој не се доволни предвидените 5 часа. Секако, по натпреварот следеше дискусија меѓу натпреварувачите за зададените задачи. 7. Кој е следниот предизвик /предизвици? Кои се твоите очекувања за IChO 2017? Мојот следен предизвик е успешно претставување на IChO 2017 во Тајланд, а воедно и постигнување на подобар резултат од изминатите две години. Се надевам дека оваа година Македонија ќе го освои својот прв медал на IChO. 8.Како постар натпреварувач, споделуваш ли совети со Антонио? Секако, сметам дека токму споделувањето на совети и искуства е од извонредна важност за постигнување на подобри резултати. Разменувањето на знаења и дискусијата за решавање на проблеми, всушност, претставуваат најдобрите начини преку кои истовремено се учи, се осознаваат нови нешта, но и се развиваат нови методи и техники за пристап на проблемите. 9. Значат ли постигнатите резултати нови можности за во иднина? Морам да напоменам дека придобивките од учеството на интернационален натпревар се огромни. Најпрвo, самите подготовки за натпреварот ги проширија моите познавања од областа на хемијата далеку повеќе од материјалот којшто се изучува во гимназиското образование. Понатаму, паралелно со согледувањето на значењето на откритијата во хемијата за модерниот свет, кај мене се зголеми желбата за истражување, експериментирање и лична надоградба. Самото тоа што учеството подразбира да се биде дел од глобалната средина, ми помогна да го сфатам значењето на соработката помеѓу младите, сегашните, но и идните научници. Сето ова искуство ќе ми помогне полесно да се соочам и справам со предизвиците и новите можности кои ме очекуваат во иднина. 10. Колку е важна соработката со менторот, но и поддршката од семејството за да се постигне успех? Соработката со менторот и поддршката од семејството се исклучително важни. Тие ми помогнаа полесно и посамоуверено да се справам со предизвиците, да верувам дека можам да постигнам големи успеси. 11. Која е твојата формула за успех? Каде се гледаш за 10 години? За да се се успее потребно е да се верува во себе, да се поставуваат високи цели и напорно да се работи за да се реализираат зацртaнати цели. Никогаш не треба да се откажуваме и да велиме дека нешто не можеме да постигнеме. Напротив, сѐ е можно со труд и фокусирање на желбите и амбициите. Тешко е да кажам каде се гледам за 10 години отсега, но би сакал да се занимавам со научно-истражувачка работа и да можам да дадам некаков придонес за општеството. Интервјуто го спроведе: Деспина Томашевска III3